Единаесет лица загинаа, а повеќе од 3.500 се повредени за време на свеченостите по повод иранскиот традиционален фестивал на огнот во пресрет на персиската Нова година, објавија денеска државните медиуми.
Фестивалот на огнот, наречен Чахаршанбе Сури, се слави секоја година во ноќта на последниот вторник од иранската календарска година, кој завршува на 20 март.
„Од 20 февруари, 26 лица загинаа во инциденти“ поврзани со фестивалот на огнот, вклучително и најмалку 11 на денот на настанот, заедно со повеќе од 3.550 повредени, изјави началникот на службите за итни случаи Џафар Миадфар за државната телевизија.
За време на фестивалот, учесниците скокаат преку оган за да се прочистат и да ги избркаат злите духови, додека извикуваат „Јас ти ја давам мојата жолта боја“ (показател за болест) и „Ја земам твојата црвена боја“ (симбол на животот).
Фестивалот е дел од предисламското наследство на Иран, а шиитскиот свештенички естаблишмент не го одобрува. Но, популарен е меѓу младите луѓе, од кои многумина сами си прават огномет за настанот, практика која понекогаш резултира со повреда, па дури и со смрт.