Од денес тестенините во продавниците низ Македонија поевтинуваат за 15 отсто, а млечните производи за 10 отсто во однос на цените од 1 март. Ова го предвидува одлуката за намалување и „замрзнување“ на цените на тестенините и млечните производи од 16 март до 31 мај, што пред пет дена ја донесе владата на премиерот Димитар Ковачевски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, објасни дека на производителите и на трговците им биле дадени неколку дена да ги потрошат залихите и да ги приспособат цените на одлуката на Владата.

Се предвидува дека цените на макароните и шпагетите денес ќе бидат „замрзнати“ на нивото што го имаа на 1 март, со намалување од 15 проценти.

За млечните производи замрзнати се цените на трајното кравјо млеко со содржина на маснотии од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци на ниво од 1 март, со намалување од 10 отсто.

Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најавија дека веднаш ќе почнат со контроли и посочија дека казните за непочитување на решенијата за ограничување на цените изнесуваат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината и видот на фирмите и компаниите.

Владата од 1 март веќе ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари и покрај противењето на големите индустриски пекари. Најавено е дека ќе се анализира „замрзнувањето“ на цената на шеќерот, јајцата и белиот ориз.