На состанокот на Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која вчера се одржа во Париз, пратеникот Александар Николоски беше избран за известител за следење на исполнувањето на обврските на Босна и Херцеговина преземени при зачленување во Советот на Европа.
Со ова, Николоски е првиот македонски пратеник избран за известител на Мониторинг комисијата. На оваа функција заедно со унгарскиот пратеник Золт Немет, Николоски е коизвестител и ќе настапува во име на Мониторинг комисијата.
Со оглед дека Босна и Херцеговина се наоѓа во мониторинг постапка со Парламентарното собрание, коизвестителите ќе имаат обврска да остваруваат редовни посети на државата и да водат континуиран дијалог со властите, во врска со функционирањето на демократските институции и исполнувањето на статутарните и конвенциски обврски на државата. По посетите, коизвестителите изготвуваат извештаи, кои прво ги презентираат пред Мониторинг комисијата, а потоа и на пленарна седница, со цел објективна оценка за напредокот на земјата.
Доколку оценките се задоволителни, изветителите може да предложат земјата да помине во фаза на постмониторинг дијалог, што стапува на сила откако ќе биде изгласан на пленарна седница.
Ова е втора функција на Николоски како известител, покрај неговото назначување од страна на Комисијата за правни прашања и човекови права за генерален известител на Парлементарното собрание за укинувањето на смртната казна.
Тоа значи дека во следниот период ќе го следам прогресот на Босна и Херцеговина во делот на исполнување на обврските кои што оваа држава ги има преземано кон Советот на Европа, пред се во делот на почитувањето на основните човекови права, владеењето на правото, борбата со криминалот и корупцијата, изборните реформи, како и воспоставувањето на фунционална правна држава. Ова е огромна чест за мене. Но, во исто време претставува признание за Македонија, затоа што македонски пратеник конечно е во позиција да пишува извештаи и да известува за она што се случува во други држави, а не само Македонија да е под мониторинг и други да известуваат за Македонија. Ова значи многу за Македонија, затоа што значи многу за имиџот на државата, значи дека Македонија може и има политичари кои што може да ја претставуваат надвор од државата, а јас ќе се потрудам со сиот мој капацитет и со сиот мој авторитет да направиме добри работи за регионот, од кој што дел секако е и Босна и Херцеговина, изјави Николоски.
Се надевам дека државата ќе напредува и се надевам дека ќе видиме и во Сараево и во Бања Лука и секаде онаму каде што ќе одиме и во Мостар и во останатите градови напредок кон едно пофункционално владеење на правото, ќе видиме напредок кон една хармонизирана држава, ќе видиме напредок кон исполнување на обврските кои што ги има Босна и Херцеговина кон Советот на Европа, и секако почитување на Дејтонскиот мировен договор и сите останати одлуки кои што ги имаат донесено Советот на Европа, ЕУ и ОН за Босна и Херцеговина, кажа тој.