Словачка планира да го зголеми производството на муниција и артилериски гранати за Украина, изјави денеска министерот за одбрана Јарослав Над додека патувал со воз за Киев, јави ДПА.
Коментарите на Над се последното покажување поддршка за Украина од Словачка, која неодамна го испорача системот за воздушна одбрана Куб и првиот од тринаесетте ветени борбени авиони МиГ-29 од советската ера.
„Словачка сега ќе преземе клучна улога во производството на муниција за Украина. Преземаме конкретни чекори за да го зголемиме до петпати производството на муниција од 155 милиметри во нашите капацитети“, рече министерот за одбрана.
Гранатите од 155 милиметри се стандардна муниција за артилерија на НАТО и се многу барани во битката на Украина против руските сили кои ја нападнаа земјата, јави ДПА.
Словачкиот министер за одбрана се надева дека за време на неговата посета на Украина ќе види како претходните испораки на оружје се докажале на бојното поле.