Во Македонија се гласаше на 7 избирачки места, а правото на глас го искористија 453 Бугари. Најголема поддршка доби партијата на Бојко Борисов.
Битка за првото место по синоќешните избори во Бугарија. Тесна е разликата меѓу „ГЕРБ“ на Бојко Борисов и „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков.
„Предноста на „ГЕРБ СДС“, од вторите „Продолжуваме со промените“ е над 38 ијади гласови или малку под 2%. Резултатот на „Продолжуваме со промените“ и ДБ е 24.9%. Трета политичка сила е „Преродба“, со лидер Костадин Костадинов, има 14,38%, Движењето за права и слобода е на 4 позиција со 12,95%, БСП го задржува петтото место со 8,97%. Според податоците, „Има таков народ“ на Слави Трифунов се враќа во парламентарниот живот партијата ги собира гласовите на 4.16%.“, вели Иван Ѓорѓиев, новинар на БТВ.
Политичките партии ќе ги чекаат официјалните резултати за први коментари. До тогаш, Бојко Борисов се заблагодари на гласачкото тело преку Фејсбук, а неговиот PR Арнаудова Димитрова напиша:
„Го уапсија! Бевме уапсени! Не бркаа! Против него се обединија седум партии и 77 здруженија! Ова е голема победа на Борисов!“, напиша Арнаудова Димитрова.
За парламентарно мнозинство потребни се 120+1 пратеник, а можните коалиции се:
Првата, која досега беше нереална, ГЕРБ-СДС и Продолжуваме со промените со што би имале 134 пратеници.
Втората е меѓу ГЕРБ-СДС, ДПС и Има таков народ и Преродба со што би имале 152 пратеници.
Третата е меѓу Продолжуваме со промените, Има таков народ, Преродба и ДПС со што би имале 148 пратеници.
Бугари кои вчера гласале во Скопје, пријавиле дека им бил оштетен автомобилот.
„Во Скопје бевме неколку дена и утрото гласавме во бугарската амбасада. Излегувајќи по гласањето, застанавме и откривме дека е исечена гума. Според мене ова е провокација“, рече еден жител.
Во македонската полиција која беше присутна на сите седум избирачки места низ државата, нема пријавено инциденти.
Во Бугарија покрај машината, можеше да се гласа и со хартиено ливче, што пак доведе до долги колони при предавањето на избирачкиот материјал. Некои членови од избирачките одмори изгубиле свест чекајќи до доцна во ноќта за предавање на избирачкиот материјал, други спиеја, а трети пееја.