Најдоцна до 10 април Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и парламентарните политички партии треба да номинираат свои претставници во работната група за уставни измени во Министерството за правда. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.
Како што информираа вчера од Министерството за правда, во барањето за номинација е наведено дека во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од Преговарачката рамка што ја усвоија 27-те земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава.
– За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право, кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Според претходно објавените информации, постапката за уставни измени, односно промена на Преамбулата на Уставот, треба да заврши најдоцна до ноември годинава, по завршувањето на скринингот на ЕУ.
Деновиве со малку поразличен став се произнесе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која досега тврдеше дека е против уставни измени во вакви услови. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски вчера повторно понуди „консензус околу хрватскиот модел“, а исто така рече дека се подготвени и за лидерска средба.
– Ние конечно нудиме консензус околу хрватскиот модел јавно, без да се затвораме и без нешто да криеме од јавноста. Каква е Преамбулата во хрватскиот Устав, така да ја направиме Преамбулата и во нашиот Устав. Ние стоиме на располагање, ако сакаат, за ова можеме да зборуваме и на лидерска средба, рече вчера Мицкоски.
Тој потсети дека евентуалната интервенција во Уставот се случува во три чекори.
– Првиот чекор е кога во Парламентот доаѓа иницијатива со која се утврдува потребата за отворање на Уставот. Тоа значи дека две третини од пратениците треба да гласаат „за“. Доколку има две третини од гласовите „за“, следува вториот чекор, а тоа е формирање на Уставна комисија која ќе работи на амандманите и ги носи во втора фаза – во Парламентот. Тогаш е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61. Доколку има такви, тогаш повторно се враќаат изгласаните материјали или амандмани, се формира конечен текст и во трет чекор доаѓа во Парламент процедурата и тогаш повторно се потребни две третини од вкупниот број на пратеници. Тоа значи дека се потребни минимум 104 до 105 дена, доколку во идеален случај оваа процедура почне од почеток до крај, рече Мицкоски.
Според него, ние се наоѓаме пред почетокот и сега уставни комисии не се формираат, туку пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот.
– Ако ме прашате како човек, „преку глава“ ми е од работни групи каде што неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа, одлучивме како ВМРО-ДПМНЕ јавно да го дадеме нашиот предлог, да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата наша работа. Ние треба да работиме во интерес на народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаме предлогот што го посочија за хрватскиот модел. Треба да излезат и да кажат дали прифаќаат или не, рече Мицкоски.
Во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за „хрватскиот модел“, пред два дена пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски изјави дека опозициската партија има можност да дава предлози во текот на расправата за уставните измени.
– Со започнување на процесот во Собранието ќе се отвори јавна расправа, преку работни групи каде може и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат свои предлози, овој процес мора да биде инклузивен, транспарентен за да дојдеме до најдобрите предлози и решенија за промените во Уставот, со цел да го продолжиме европскиот пат на нашата држава, рече Каевски.
Засега нема информација дали претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски би се согласил на лидерска средба.
Ковачевски во интервју за словенечката национална телевизија завчера во врска со можноста за договор со опозицијата, рече дека ќе биде отворен процес на подготовка на уставните амандмани, коишто ќе бидат дел од работата на работна група формирана во Министерството за правда, каде што најголемите експерти во државата од уставно право и претставници на политички партии ќе ги подготват амандманите.
– Ќе има широка расправа меѓу деловната, академската заедница, невладиниот сектор, медиумите, сите граѓани да можат да бидат информирани и потоа низ парламентарна расправа, јас сум убеден дека Северна Македонија ќе има и демократски и визионерски капацитет да ја донесе оваа одлука со којашто ќе продолжиме кон европските интеграции, додаде Ковачевски.
Лидерот Алијанса за Албанците, најмладиот член на владината коалиција, Арбен Таравари смета дека измените во Уставот се клучни за отпочнување на преговорите.
За противењето на опозициската ВМРО – ДПМНЕ да се спроведат уставни измени и реакциите на политички фактори во земјава околу отстранување на процентот на Албанци од Уставот, Таравари смета дека споредбите со Хрватска не се соодветни и го повтори партискиот став дека Северна Македонија и Хрватска не може да се споредуваат „со оглед на податоците од последниот попис во кој Македонци се 54, а Албанци 30 проценти“.
– Ако веќе сакаме да се споредуваме, тогаш да ги погледнеме примерите на Швајцарија, на Белгија и земји кои имаат слична демографска слика. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го прават за да добијат поени кај луѓе кои се ултранационалисти. Не верувам дека така мислат, како што зборуваат на прес-конференции, изјави Таравари.