Теренските посети на тимовите на СДСМ „Рамо до рамо до победа” денеска продолжуваат во источниот регион.

Потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов, заедно со Виктор Велевски беше со граѓаните на општина Карбинци.

– СДСМ постојано покажува што значи вистинска грижа за граѓаните, за работниците, за пензионерите, како и за земјоделците. Во време на светска економска и енергетска криза, кога во Европа се појави недостиг на храна, ние преку националниот план за производство на храна, преку силна и навремена поддршка за земјоделците, не дозволивме пазарите и маркетите да останат празни. Денес нашите земјоделци имаат гарантиран откуп, нивниот труд се цени и вреднува, порача Костадинов.

Во општина Берово, членот на ИО на СДСМ, Никица Бачовски, заедно со Благојче Трпески пред присутните порача дека СДСМ за прв пат воведе авансна исплата на субвенциите за земјоделците, со цел поддршката да биде навремена и тогаш кога им е најпотребна, пред почетокот на производствената сезона.

Членката на Надзорниот одбор на СДСМ Викторија Аврамоска Мадиќ, заедно со Кети Василевска беше меѓу граѓаните на Делчево каде со нив разговараше за европската иднина на државата, потенцирајќи дека СДСМ со своите државнички одлуки ги реализира стратешките цели на државата, членство во НАТО и почеток на преговори и членство во ЕУ.