Три од владејачките партии, двајца експерти и еден претставник од Кабинетот на претседателот досега потврдија дека ќе учествуваат во работната група за изработка на уставните амандмани. За утре е најавено и формалното екипирање на овој тим – се уште не се познати имињата од СДСМ и Алијанса за Албанците кои ќе бидат дел од процесот, а од ДУИ за Канал 5 одговорија дека нивен претставник ќе биде Арбр Адеми, кој е правник и координатор на пратеничката група во Собранието…
ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз веќе ги одбија поканите од министерството за правда. Лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски повтори дека нема да отстапи од неговите аргументи и покрај притисоците од меѓународната заедница, кои ги очекувал и во следниот период.
Претходно премиерот Ковачевски упати повик до опозицијата наместо за хрватски, да разговараат за македонски модел во самата работна група. Од владејачката партија и денеска кажаа дека секој предлог треба да се достави во рамки на ова тело.
Освен партиите, од тимот кој ќе работи на амандманите се познати и професорот Александар Спасов кој е делегиран од претседателот Пендаровски, додека пак од експертите позитивен одговор дале Јетон Шасивари и Маргарита Цаца Николовска. Откако ќе го скројат предлог-текстот на амандманите, според најавите Владата веднаш ќе започне активна кампања со академската, бизнис заедницата и невладиниот сектор.
Во меѓувреме, дел од експертите коментираат дека процесот за отворање на уставот започнува по обратен редослед. Академик Владо Камбовски и поранешниот министер за правда Владо Поповски за Канал 5 изјавија дека прво е неопходен политички консензус за воопшто да почне процедурата.