Во вчерашната акција за контрола на увозници на овошје и зеленчук спроведена од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во координација со Управата за финансисика полиција и Управата за јавни приходи се проверени 20 фирми, објави Сител.
Според телевизијата скоро сите ќе бидат казнети бидејќи имале доволно залихи на овошје и зеленчук, но не ја почитувале одлуката за дистрибуција и продажба на најмалку 70% од количествата во јануари и февруари. Првиот човек на ДПИ вели дека за нив ќе следат казни од 800 до 10 илјади евра.
Во акцијата биле опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а било влезено и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови.
Инаку пред два дена Министерот за економија Крешник Бектеши, најави дека на седница на Владата во вторник ќе бидат ревидирани дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленукот порачувајќи дека ќе продолжат контролите за тоа како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук за последните месеци.