„Имплементиравме мерки за зголемување на конкурентноста на македонската економија, меѓу кои намалување и укинување на царинските стапки на суровини за индустриско производство, први во регионот воведовме зелени коридори кон ЕУ, и воспоставивме One Stop Shop со Србија, а работиме и на воведување на овој концепт со другите соседни земји. Работиме на имплементација на т.н. паметни граници и продолжуваме со дигитализацијата на царинските процеси, што е од голема важност за олеснување на трговијата, а подобрувањето на контролите во насока на заштита на општеството и намалување на сивата економија останува наш приоритет“, истакна директорката Славица Кутиров на денешниот настан организиран по повод Денот на Царинската управа, на кој беа присутни царинските службеници, претставници на бизнис заедницата и стопанските комори, како и претставници на владини институции.
Во рамки на настанот беа доделени 16 ОЕО сертификати на економски оператори, а плакети за меѓуинституционална соработка беа доделени на Управата за јавни приходи, Одделот за гранични работи и миграции и Државниот завод за статистика. Истакнати вработени во Царинската управа добија пофалници и благодарници за нивниот особен придонес во работата.
Презентирани беа и резултатите и достигнувањата на Царинската управа за 2022 година, проектите кои се во тек и новите планови за понатамошен развој, регионална интеграција и приближување кон Европската унија.
„Во 2022 година бележиме раст од 15% при наплата на приходите во однос на 2021 година – остварени приходи од 119,2 милијарди денари или 15,6 милијарди повеќе од 2021 година, што претставува скоро половина од вкупните буџетски приходи на државата. Воедно, изминатава година бележиме 114 случаи на заплени, што претставува двоен раст во однос на 2021 и 2020 – над 8 тони дроги и психотропни супстанци, како и девизи, злато и акцизна стока со вредност над 2 милиони евра.“ – потенцира Кутиров.
Царинската управа оваа година ги интензивираше активностите во рамки на регионалните иницијативи преку ЦЕФТА и Отворен балкан. Особено е истакнат концептот на Овластен економски оператор, и договорите за меѓусебно признавање на статусот на ОЕО со Србија и Албанија, со што на 26 домашни компании иматели на овој сертификат им е обезбедено користење на поволностите и во овие земји.
„Дигитализацијата е опфатена во сите стратешки приоритети на Царинската управа, каде се пресликува преку повеќе проекти во нашиот тригодишен Акциски план за развој, на чија реализација активно работиме. Навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи на национално ниво, а особено директната интерконекција со централните европски системи, следејќи го Повеќегодишниот стратешки план на Европската Унија за воспoставување е-Царина продолжува да биде императив во развојот на Царинската управа, при воведување на секоја новина во работењето“, нагласи директорката Кутиров, и притоа го истакна воведувањето на новиот сервис – Зелена царинска декларација, преку кој царинските постапки за увоз и извоз се реализираат за 1 час, во целосно бесхартиена околина.
Евроинтегративниот процес е високо на агендата на институцијата, преку усогласување на законодавството и примена на европските стандарди и најдобри практики во работењето. Царинската управа раководи со Поглавје 29: Царинска унија, а со свои експерти активно учествува и во 12 други поглавја, со значаен придонес за прашањата во надлежност на Царината.