Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Регионалниот центар за гранични работи – Југ во Кавадарци ги пречека и им посака добредојде на полициските службеници од европската Агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс.
Ова следува откако Македонија и ЕУ во октомври минатата година го потпишаа договорот за оперативни активности кои во земјава ќе се спроведуваат од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража – Фронтекс, што е прв официјален договор потпишан по отворањето на преговорите за членство на земјава во ЕУ.
Со ова, како што се вели во соопштението на МВР, започнува заедничката операција „Северна Македонија 2023“ на службениците на Фронтекс кои ќе бидат распоредени на границата кон Грција.
„Очекуваме истата да придонесе за поефикасно справување со прекуграничниот криминал, вклучително и шверцувањето мигранти, трговијата со луѓе и тероризмот како глобални предизвици“,велат од МВР.
Во текот на оваа година, додаваат од Министерството, планирано е Фонтекс да распореди повеќе од 100 полициски службеници, патролни возила и специјална опрема на македонско-грчката граница, што како што се додава, значително ќе помогне во откривање на илегалните активности по должина на границата.
„Заедничката операција, која е предвидено да трае до 24 јануари 2024 година, со можност за нејзино продолжување, има за цел поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, во прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети“,се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Во рамки на посетата на Спасовски на Кавадарци, додаваат од МВР, беше организиран и првиот оперативен брифинг за припадниците на Фронтекс во заедничка координација на Фронтекс, Одделот за гранични работи и миграции и Регионалниот центар за гранични работи – Југ, со што и официјално започнува заедничката операција.