Соопштувајќи ја информацијата пред јавноста, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на извесен начин се огради дали станува збор за истиот договор, но самоуверено најави дека тие сепак ќе почнат да објавуваат делови од него во јавноста, а Владата, како што рече, нека дематира дали е тоа така или не
Своето денешно појавување во јавноста, во тој контекст, Мицкоски го искористи да објави дека, според договорот за кој велат дека го поседуваат, при евентуален спор околу спроведувањето на договорот, тој ќе биде решеван според законодавството на Англија и Велс, а не според домашното законодавство
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поседува целиот договор со „Бехтел и Енка“, кој, како што претходно информираа од Владата е таен, односно содржи клаузула на деловна тајна, а на барање на американско-турскиот конзорциум кој ќе ги гради автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д.

Ова денеска го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој одговарајќи на новинарски прашања, рече дека договорот го добиле од свиркачи.

Соопштувајќи ја информацијата пред јавноста, тој на извесен начин се огради дали станува збор за истиот договор, но самоуверено најави дека тие сепак ќе почнат да објавуваат делови од него во јавноста, а Владата, како што рече, нека дематира дали е тоа така или не.

„Од свиркачи го добивме целиот договор, не знам дали е тој истиот, но ние ќе објавуваме во јавноста, па Владата нека демантира дали тоа така или не е така. Ние го добивме истиот од свиркачи кои го доставија и го анализираме и секое јавно настапување ќе го користиме за да можеме да објавиме нешто ново“,

изјави Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања по отворањето штаб на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.  

Договорот, како што рече лидерот на опозициската партија е скандалозен по стотина основи и со секое излегување во јавноста ќе објавуваат по еден.

„Еве денеска можеме да кажеме дека овој договор на Ковачевски и Груби или Груби и Ковачевски, не знам кој е поважниот во целата ова приказна, е скандалзоен по стотина основи и со секое излегување во јавноста ќе објавуваме по еден основ“,

рече Мицкоски. 

Своето денешно појавување во јавноста, во тој контекст, Мицкоски го искористи да објави дека, според договорот за кој велат дека го поседуваат, при евентуален спор околу спроведувањето на договорот, тој ќе биде решеван според законодавството на Англија и Велс, а не според домашното законодавство.

Тој рече дека ги анализирале договорите со грачката фирма „Актор“ која ја градеше делницата Димир Капија – Смоквица од коридорот 10 и оној со кинеската „Синохидро“ за изградба на автопатот Кичево-Охрид, инаку, и двата склучени од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер Никола Груевски. И во двата договори решевањето на евентуален спор било договорено да биде според македонското законодавство.

„Еве денеска ќе кажам дека во договорот има еден елемент кој што вели вака: Законодавството пред кој овој договор одговара е законодавството на Англија и Велс, внимавајте Англија и Велс. Го анализиравме договорот и на „Актор“ и на „Синохидро“ и едниот и другиот се повразни со законодавството на Македонија. Зошто е тоа важно? Затоа што при спор или арбитража ќе биде важно законодавството на државата во која што се случува овој пректи. За разлика од тие два проекти важечко во овој, при евентуаен спор ќе биде законодавството на Англија и Велс. Тоа е англосаксонски модел на правен систем, а ние имаме континентален, едниот со другиот се некомпатибилни и доколку утре имаме спор, а ќе имаме, бидејќи во самиот договор нема цени, од тоа што можевме да го видиме, за најмалку 30 ставки тогаш ќе треба да се појавиме пред  во Париз пред Меѓународната стопанска организација и да го водиме тој спор и тогаш адвокатите од Македонија се неприменливи затоа што важечко замислете не е законодавството на Македонија, туку на Англија и Велс и да биде скандалот уште поголем тоа е сосема поинаков модел, англосаксонски модел и нема никаква врска со континенталниот модел каков што е во македонското законодавство“,

рече Мицкоски.

Втора работа, рече Мицкоски, која е спорна во дговорот, кој вели дека го добиле од свиркачи е зборот Фидик, кој, како што рече лидерот на опозициската партија, освен во клучните зборови на почетокот на докуметот никаде понатаму во договорот не се споменува.

„Бидејќи велеа дека според Фидик ќе го прават, во клучните зборови никаде понатаму Фидик го нема. Што е зборот Фидик? Тоа е меѓународен стандандард според кој се реализираат меѓународни договори. Дали е тој жолт, дали е црвен, или поинаку се регулира методологијата. Освен во клучните зборови за да се направи забуна дека е според Фидик никаде понатаму не се цитираат одредбите од ова“,

кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.  

На крајот од својот одговор, тој го повика претседателот на на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески да покани и претставници на ВМРО-ДПМНЕ на презентацијата на договорот во Стопанската комора, за да можат да го презентираат ставот на партијата во врска со документот кој изминатиот период ја бранува јавноста.

„Го повикувам претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, бидејќи организира претставување на овој договор во рамките на Стопанската комора на кој што ќе биде првиот вицепремиер Артан Груби кој ќе го презентира, да дозволи и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе од ВМРО-ДПМНЕ да бидат присутни на тој настан и да го презентираме нашиот став пред стопанствениците во Република Македонија за овој договор. Бидејќи сè уште немаме добиено покана за овој настан, очекувам дека во текот на денешниот, утрешниот ден да добиеме таква покана и ние како ВМРО-ДПМНЕ да можеме да го кажеме нашиот став и да го гледаме очи в очи и Димитар Ковачевски, иако мислам дека тој нма да собере храброст да се појави, и Артан Груби и да им кажеме каде ќе ја крадат Македонија и каде ќе го пљачкаат макдонскиот народ и граѓаните на Македонија“,

рече Мицкоски.  

Инаку, деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати, денеска упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.

Ова денеска во изјава за медиумите го соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски кој рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен договорот и оти тоа барање го поднеле врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.

Од друга страна, пак Јавното претпријатие за државни патишта денеска објави оглас за вработување на лица кои ќе работат во Проектната единица за спроведување на проектот за изградба на четирите автопати на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Вработувањето ќе биде на определено време, до 22 јануари 2028 година, односно до завршување на проектот. Работното време, како што се наведува во огласот, е 40 часа неделно.

Премиетот, Димитар Ковачевски вчера на прес-конференција рече дека Владата донела одлука договорот со „Бехтел и Енка“ да го испрати во Јавното обвинителство, за да, како што кажа, се расчистат сите дилеми и обвинувања кои доаѓаат политички партии, медиуми и поединци.

Договорот со американско-турскиот конзорциум предизвика бранови реакции од различни учесници во општесвено-политичкиот живот во земјава, особено на одлуката тој да биде класифициран, но и на потегот на парламентарното мнозинство набрзина по скратена постапка да предложи измени на осум Закони поврзани со изградбата на дел од коридорите 8 и 10-д.

На 8 март Владата го потпиша договорот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Проектот тежи 1,3 милијарда евра и опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат.