Tоа што Советот на Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата за деблокирање на сметките е свесно и намерно спречување на работата на Клиника Жан Митрев и натамошна реализација на намерата Клиниката да се доведе во позиција на неодржлива криза и да се спречи работата без ни малку одговорност за јавниот интерес што го има клиниката како здравствена организација, коментираат од Клиниката Жан Митрев, на денешната одлука на судот.
Оттаму реагираат дека токму заради јавниот интерес за пациентите и сите оние што имаат потреба од врвна медицинска нега, било побарано деблокирање на сметката за клиниката да може да работи без притисокот во секојдневните обврски кон банките и добавувачите.
Одбивањето на барањето за деблокирање на сметката зборува за организирана хајка и систематско инструираниот процес против клиниката и д-р Митрев со неосновано обвинение. Во постапката против врвниот македонски кардиохирург и Клиниката Жан Митрев посветени на спасување животи не постои пресумпција на невиност, туку организиран и систематски инструиран процес.
Се надеваме дека во фокусот на сите што се посветени на мониторирање на нашиот правосуден систем ќе дојде на ред и врвниот јавен интерес, а тоа е оневозможување на конструирање на судски процеси со цел да се уништат успешни стручњаци и правни субјекти.
Сепак и покрај блокираните сметки Клиника Жан Митрев секојдневно работи, прави сложени хируршки зафати и спасува животи на наши граѓани“ велат од клиниката.