По повод Интернационалниот ден на трудот, организациите Социјалистичка зора, Марксистичка организација „Црвени“, АНКОМ и Социјалниот центар Дуња ги повикуваат сите работници, студенти, невработени и пензионери на Првомајски протест за заедно со синдикатите да ја покажат силата на работничката класа и да се борат за своите права.
На повидок е зголемување на веќе востановеното право на 40-часовно седмично работно време. Недела како неработен ден тешко се спроведува во пракса. Правото на годишен одмор на многумина им е скратено. Висината на платите не е соодветна на достоинствен животен стандард. Луѓе кои што работат со полно работно време се заглавени со кредити за базични животни потреби, не за луксузи. Работници страдаат поради лошите работни услови и немањето заштита при работа.
Изминатите 30 години работничката класа во Македонија континуирано ги губи веќе изборените права, ѝ се намалува квалитетот на животот, а односот кон неа е однос како кон потрошлив ресурс.
„Експлоатацијата кон работничката класа станува се посилна и побрутална. Затоа, Први мај може да ни се види како добра можност за малку одмор и отпочинка од мачното секојдневие. Сепак, погрешно во сегашната ситуација е работникот да пикникува и прославува наместо да протестира“- вели Џејлан Велиу од Социјалистичка зора.
Членот на Марксистичка организација „Црвени“ – Дејан Лутовски ја потенцира важноста на организираната работничка борба: „Искуството ни покажува дека таму каде што има силни работнички организации и организирана работничка борба, работничката класа е во многу подобра состојба и обратно, онаму каде што не постојат силни работнички организации и организирана работничка борба, како кај нас, работничката класа е брутално искористена без права и со мизерен квалитет на живот. Исходот на борбата зависи од степенот на нашата мобилизираност и организираност, односно од силата на нашите организации“.
Од организациите потсетуваат дека сите права кои денес ги земаме здраво за готово се постигнати со организираност: 8-часовното работно време, правото на годишен одмор, јавните здравствени и пензиски оригурувања итн. За правата да се одржат и да се зголемат таа организираност мора да биде жива и присутна.
Протестот ќе започне од споменикот на УРС-овите синдикати, спроти Олимпискиот базен во Скопје, во понеделник, 1-ви Мај, во 12 часот и ќе се приклучи на протестот на Сојузот на Синдикати на Македонија.