Кирил Лазаров е среќен и задоволен што Македонија го продолжува континуитетот и ќе биде дел од уште едно големо ракометно натпреварување, откако денеска чекираше билет за Европското првенство кое се игра наредната година, пренесе Дерби.

Македонија потешко од очекувањата ја оправда фаворитската улога и успеа да ја победи Турција со пресврт, но по триумфот од 30:27, селекторот Лазаров најави дека во иднина ќе биде многу повнимателен при селекцијата на тимот, бидејќи од неговите зборови точно може да се „прочита“ дека е незадоволен од одредени поединци.

– Ние бевме фаворити на хартија и го остваривме тоа што го сакавме, но ова не беше истата Турција со која игравме на гостински терен. Сега имаа два-три нови играчи, а мене ме загрижи тоа што го почувствував последните неколку денови.

– Некако не бевме доволно фокусирани, се однесувавме како се да е завршено. Денес уште еднаш се покажа дека со секој противник треба да бидете подготвени за борба. Добро е, успеавме од дефицит од четири гола, да отидеме на плус четири и тоа е одлика на големи екипи, но увидов и некои други работи.

– Во иднина добро ќе размислам кого ќе повикам во националниот тим. Јас им верувам на сите, дадов шанси, но сега ми се отворија очите после овој меч. Некои работи кои ни се повторуваат, треба да бидат решени.

Селекторот на нашата репрезентација, Кирил Лазаров, по мечот им честиташе на ракометарите за извојуваната победа над Турција, но спомена дека некои работи кои ги виде вечерва не му се допаднаа, па во иднина ќе мора да се направат некакви промени. Честитки до момците, машки се изборија за пласман на ЕП, но ми се отвори и друга визија за во иднина, – нагласи Лазаров.