Бугарскиот државен правобранител Иван Гешев помина неповреден во експлозија на бомба на автопатот низ кој минуваше неговиот конвој, а властите тоа го оквалификуваа како атентат. Иван Гешев „беше цел на обид за атентат, тоа не беше само заплашување“, изјави за новинарите неговиот помошник Борислав Сарафов.

Властите потврдија дека околу 11:30 часот по локално време заштитениот конвој на државниот правобранител се движел во правец на Софија, кога на местото на атентатот покрај автопатот експлодирала бомба меѓу градот Самоков и главниот град на Бугарија.

 

Според полицијата, бомбата експлодирала пред едно од возилата во конвојот. „Бомбата не само што содржела три килограми ТНТ, туку и шрапнели“, рече Стефанов. „Ова е атентат подготвен од професионалци и очигледно добро изведен“, додаде тој.

 

Гешев и неговото семејство, кои биле во блиндирано возило, „по игра на судбината“ ја избегнале експлозијата, рече Сарафов.

Обвинителството отвори истрага за чинот на тероризам. Дадени се примероци од бомбата за детална анализа.

 

Во 2020 година, илјадници Бугари протестираа со месеци против наводната корупција на владата на премиерот Бојко Борисов. На улиците тогаш масовно се бараше оставка од Гешев.

 

Државниот правобранител со години е познат како контроверзна личност. Неговиот мандат трае до 2026 година, а тој е обвинет за заштита на луѓе на високи позиции и попречување на истраги за можна корупција. По големите протести Бугарија влезе во период на политичка нестабилност.

 

Во почетокот на април во Бугарија се одржаа избори, петти во последните две години, кои не дадоа јасно мнозинство, па Бугарите можеби ќе треба повторно да излезат на избори ова лето.