Постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет не е предвидена ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа. Начинот на отстранување на Дамева од функцијата беше критикуван од страна на стручната јавноста, а заменик-претседателот Адеми кој го иницираше разрешувањето, пак, има креативно толкување велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“
Судскиот совет денеска на седница закажана за 11 часот по втор пат ќе се обиде да избере нов претседател по контроверзното разрешување на Весна Дамева од функцијата.
Дамева минатата недела на 26 април беше разрешена со седум гласа „за“ откако заменик-претседателот Селим Адеми во нејзино присуство го презеде раководењето на седницата и предложи гласање за нејзино разрешување. „За“ гласаа седум члена, по што тој констатираше дека Дамева повеќе не е претседателка и закажа седница за избор на нов претседател за наредниот ден.
По два часа пролонгирање, седницата на 27 април започна, но траеше само 10-тина минути. Заменик-претседателот Адеми рече дека ја одложува бидејќи не се присутни сите 13 члена со право на глас. Отсутна беше само Мирјана Радевска-Стефкова, која не беше ниту претходниот ден кога беше разрешувањето на Дамева.
Адеми рече дека со оглед што треба да се избере претседател пожелно е сите членови да се присутни, иако она што неофицијално се зборуваше е дека одложувањето дојде бидејќи го немало потребниот број од осум гласови „за“ за да се избере наследник на Дамева.
Постапка за разрешување на претседател на Судскиот совет не е предвидена ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за работа. Дамева беше разрешена со само седум гласа „за“, што покрена дилеми во јавноста дали тоа воопшто е регуларно. Она што беа првичните реакции е дека со оглед што нема предвидено процедура за разрешување, за да се „отстрани“ Дамева од претседателската функција требало да биде разрешена како член на Советот за што е потребна дисциплинска постапка и таа процедура трае, вклучува и одговор на странката, а кога ќе дојде до гласање потребни се осум „за“ не сметајќи го оној на предлагачот.
Дамева беше разрешена со седум гласа „за“ вклучително и оној на заменикот Адеми, а останатите членови кои го поддржаа беа: Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
На седницата за избор на нов претседател, заменикот одбегна да им одговори на новинарите дали разрешувањето е законско и неколку пати повтори дека има институции кои треба да го утврдат тоа.
Подоцна, во интервју за „Порталб“ тој излезе со креативно толкување во однос на начинот на разрешување на Дамева и непредвидените постапки во Законот за такво нешто велејќи дека „сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“.