Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателите Александар Николоски и проф-др Тимчо Муцунски, и пратеничката проф-др Гордана Силјановска Давкова остварија средба со Џесика Росвал, министерка за европски прашања на Кралството Шведска.

На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба, и евроинтегративниот процес на Македонија.

Од страна на претседателот Мицкоски го реафирмираше ставот на партијата за тоа дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, истакнувајќи дека таквиот однос на уцена од страна на Бугарија не само што ги нарушува меѓусоседските односи меѓу двете земји, туку и не претставува никаква европска вредност.

Мицкоски додаде дека стратешки интерес за просперитетот и развојот на државата е Македонија да стане што побрзо дел од големото европско семејство, но без негирање на историјата и идентитетот.

Во однос на внатрешната политичка и економска состојба, претседателот Мицкоски ја истакна својата загриженост бидејќи од страна на власта единствено што се прави е криминалот и корупцијата во која директно владините челници се вклучени.

Воедно, на средбата се разговараше и за одличната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и сестринската партија Модератерна, за која изјави дека очекува во претстојниот период да се одвива со засилена динамика.

Мицкоски се заблагодари на поддршката која ја добива Македонија од страна на Кралството Шведска, и изрази желба соработката и во иднина да продолжи.