Светската здравствена организација (СЗО) денеска процени дека коронавирусот уби „најмалку 20 милиони луѓе“ за три години, но поради различните критериуми за броење жртви од земја до земја и политички чувствителната природа на тие здравствени податоци, невозможно е да се знае точниот број на смртни случаи од последиците на тој вирус.
Официјалниот извештај на СЗО покажува 6,9 милиони смртни случаи од коронавирусот до 3 мај. Тој податок е достапен на веб-страницата на таа организација на ОН и постојано се ажурира.
Како што објаснија истражувачите на СЗО во една статија објавена во стручното списание „Nature“ во декември, официјалниот број на жртви е секако далеку под реалноста.
Поради недостиг на здравствена инфраструктура, некои земји беа исклучително бавни во откривањето на вирусот и затоа подоцна пријавија смртни случаи.
СЗО, исто така, наведе различни критериуми во земјите, така што некои пријавуваат само смртни случаи од коронавирус поради респираторни проблеми.
Во Индија, каде експертите стравуваат дека можеби имало најголем број жртви, статистиката оди бавно, бидејќи стапката на смртност се пресметува според возраста и полот.