Достоинствено, како што и му доликува на овој далеку познат божји храм, е одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, инаку метох на Бигорскиот манастир.
Денеска на денот кога се слави споменот на патронот и небесен застапник, светиот великомаченик Георгиј Победоносец, во неговиот свет манастир најпрво беше одржана Утрена богослужба, а потоа Божествената архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритите и јеромонасите од Свештената бигорска Обител.
Најнапред им благодарам на архимандритите отец Матеј и отец Херувим од црквата на Грција, што направија толкава жртва и допатуваа овде, за да го прославиме заедно големиот сведок Христов, Светиот и славен Великомаченик Георгиј Победоносец. Празнувањето на неговиот спомен за нас трае три дена, почнувајќи од цчеравечер, а завршувајќи во Струга, со традиционалната литија низ градот со неговите свети мошти и со неговата чудотворна икона, рече на почетокот од едно од своите обраќања владијата Партениј.
И синоќа и посебно денеска бројот на верниците беше голем. Покрај жители од Дебар, тука беа и поранешни жители и нивни потомци од ова село кои денес живеат во други градови во земјава, од каде исто така присуствуваа бројни верници.
Ви благодарам уште еднаш на сите што дојдовте тука, во овој манастир, кој самиот по себе е едно чудо на Свети Георгиј. Можеби ќе треба да потсетам, зашто гледам дека луѓето брзо забораваат а некои и не знаат каков беше овој манастир пред нешто повеќе од дваесетина години. Сосема заборавен и запоставен. Човек не влегуваше во него. Конакот беше всушност една до полу разурната штала од плитар. Но, по благословот и моќното застапништво на Свети Георгиј, и со трудот и заложбите на овие духовни херои – монахињите, сведоци на Христа со духовна крв, тој беше од темел возобнови и недограден, како што, впрочем, гледаме сега сите. Да го земеме, мили мои, за свој пример Светиот Великомаченик Георгиј и да станеме, пред сè, подобри луѓе. Многу ни недостасува најнапред тоа. А потоа и добри Христијани. Христос воскресе, порача меѓу другото г. Партениј.
Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар.
Првиот храм кој се наоѓал на истото место каде што е денешниот е направен во XVI век, кој пак, е изграден во XIX век, 1835 година како метох на Бигорскиот манастир. Тоа е времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.
Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Пред почетокот на Втората светска војна монашкиот живот овде запира. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на г. Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир, манастирот беше возобновен, а и реорганизиран во женски манастир кој и денес е под духовно раководство на епископот Партениј. Од 2003 година раичката Обител се удостои да добие дел од светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.
Уште истата година во Солун е изработено сребрено ковчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение. За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црква.