Неизвесноста со полагањето Државна матура продолжува. Државниот испитен центар нема намера да го прекине штрајкот кој почна на 24 април, практично еден месец пред првиот испит од матурата кој треба средношколците да го полагаат, а тоа е мајчин јазик. Загриженоста расте посебно кај оние ученици кои планираат да се запишат на некои од унверзитетите надвор од Македонија, но загрижени се и директорите на средните училишта кои во моментов и не знаат што да им кажат на матурантите, објавува Фактор.

-Ситуацијата секако е загрижувачка. Ние всушност и не знаеме што точно да им кажеме на учениците. Гледаме дека стануваат нервозни посебно оние кои планираат образованието да го продолжат на некои од странските универзитети. Од нашата гимназија планираат барем 10 отсто од учениците да се запишат надвор од земјава. Но, никој нема да чека да ги поднесат документите. Искрено се надевам дека работите брзо ќе се средат и дека Владата ќе им излезе во пресрет на барањата на Државниот испитен центар. Но, ако тоа не се случи тогаш ситуацијата ќе се искомплицира. Ако се пролонгираат роковите за полагање, тогаш автоматски ќе се пролонгира и датумот кога ќе треба да се објават резултатите. Во тој случај, оние кои сакаат да аплицираат надвор од земјава ќе доцнат. На нашите универзитети тоа и би било возможно, говорам за аплицирањето, бидејќи верувам дека и тие датуми би се пролонгирале, дали со некаква одлука, дали со подзаконски акти, но сепак е можно. Проблемот е многу поголем за оние кои сакаат да студираат надвор од Македонија, вели во разговор за Фактор еден од директорите на средните училишта во Скопје.

Но, ДИЦ засега не гледа никаква причина за да го стави штрајкот во мирување. Напротив, клако што велат оттаму, револтот е зголемен.

-Дел од вработените излегоа од штрајкот, но тие вработени и не се на клучни позиции во подготовката на Државната матура, а колку што гледаме Владата само тоа ја интересира. Како другите процеси кои се во наша надлежност да не им се важни. Реалноста е дека едноставно нема да се стигне со подготовките околу полагањето на Државната матура бидејќи има уште многу нешта кои треба да се сработат. Не се доиспечатени ниту финалните верзии од тестовите, ниту пак се одредени оценувачи. Затоа бараме од МОН да го промени календарот, односно да бидат поместени датумите за полагање. А, кога ќе се одржи полагањето, тоа зависи единствено од Министерството за финасии. Имавме понуда за зголемување на платата од 1.000 денари по човек што секако за нас е неприфатливо. Тоа што уште повеќе иритира и создава револт е дека околу 300.000 денари треба да повлечат од нашата буџетска сметка за зголемување на платите на функционерите. Тоа секако се буџетски пари, но се наменети за институцијата, а не за нивните плати, вели Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ.

Во меѓувреме стигна и поддршка за штрајкот во ДИЦ од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија од каде велат дека не смее платите на функционерите да се поважни од платите на работниците

-За ССМ неразбирливо е како за платите на функционерите кои се зголемија за 78 отсто, пари се обезбедуваат од сметките на институциите за исплата на плати на работниците и загрижува фактот што според Синдикалната организација, средства предвидени за плати во ДИЦ се блокирани за да се исплатат плати на фукционерите што е преседан и скандал кој го прави Министерството за финансии и Владата, посочуваат од ССМ.

Синдикалната организација на Државниот испитен центар најави дека ќе штрајкуваат се додека не добијат согласност од Министерството за финансии за покачување на платите.

Анита Буховски