Денес за жал за македонскиот работник важи онаа „угоре високо, удолу длабоко“, тоа важи и за јавниот и за бизнис секторот. Во јавниот сектор освен ниските примaња вработените се соочуваа со мобинг, притисоци, преместување од работните места, откази бидејќи некој не му се допаднал некому. Во бизнис секторот работодавачите се оставени сами на себе и во тој случај најчесто проблемите паѓаат на грб на вработените и тие се соочуваат со незaконски откази и други девијантни појави, рече Лазар Јовески, претседател на Комисијата за труд и социјална политика ВМРО-ДПМНЕ на трибината во организација на партијата насловена како Социјални политики против осиромашувањето и сиромаштијата што се одржува во Тетово во рамки на кампањата Ова е Македонија за сите.
Според него сиромаштијата не е главен проблем за заминување, за отселување, но се повеќе гледаме и анализираме дека разочараноста од состојбата во државата е клучна.
„Синдикатите се разединети и тоа е помогнато од Владата согласно начелото „раздели па владеј“ и вработените се оставени сами на себе и кога е така работниците се тие кои се онеправдани, бидејќи од друга страна има посилен субјект и ви се кршат правата“, рече Јовески.
Јовески укажа дека партијата има решение и одговор за оваа ситуација.
„Во ВМРО-ДПМНЕ ги знаеме овие проблеми и со посветеност заедно со лидерот Христијан Мицкоски ве уверувам имаме решение за овие проблеми. Тие се решаваат со посветена и чесна работа, така може да се надминат овие проблеми“, заклучи Јовески.