Во Собрание тече Комисијата за европски прашања со Законот за работни односи – првиот од петте законски измени кои владата со европско знаменце и по брза постапка ги испрати до пратениците, за договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на делници од Коридорите 8 и 10Д, пренесе ТВ24.
Надвор од Собранието, Владата уште се обидува да ја убеди ЕУ дека користењето на знаменцето било неопходно, за да се спречи блокада од опозицијата. Премиерот Димитар Ковчаевски денеска од Штип порача дека не гледа проблем во тоа што измената на законите поврзани со „Бехтел и Енка“ имаат европско знаменце, повторно правдајќи го потегот со тоа што Коридорот 8 бил означен како европски.
Но, евроамбасадорот Дејвид Гир не отстапува од ставот, европското знаменце треба да стои само на документите кои се поврзани со европското законодавство, но често се употребува на закони за кои не е наменето.
И додека владата очекува разбирање и промена на ставот на Унијата, опозицијата очекува потврда реакција по писмото кое го потпишаа 27 пратеници и го испратија до челниците во ЕУ и до амбасадорот Гир.
Додека да стигне одговор на писмото, во Собранието се обидуваат да ги убедат пратениците од мнозинството дека измените во ЗРО не треба да се усвојат, со обвинување дека тие предвидуваат 72 часовна работна недела. Мнозинството пак, го брани предлогот на Владата со став дека работната недела останува иста како и претходно и дека ќе се почитува времето предвидено за одмор на работниците.
Расправа на Комисијата за европски прашања е ограничена и може да трае само два дена по закон, што според досегашната динамика, би значело дека петте законски измени ќе го поминат комисискиот филтер веќе идната недела, а потоа ќе бидат вратени за гласање на пленарна седница.
На седницата на комисијата, претседателот Арбер Адеми со цвеќе и го честиташе роденденот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, вендаш по нивната дебата за Законите и пред Давкова на кратко да ја напушти седницата.