Државната матура мора и ќе се полага на 27 мај, како што е предвидено со рокот, рече министерот за образование Јетон Шаќири, кој денеска беше во посета на Кавадарци.
Шаќири кажа дека ги поддржува барањата на синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) кој штрајкува веќе три недели, но дека неговиот конечен став е дека државна матура мора и ќе се реализира на 27 мај, како што е предвидено според рокот.
Тоа не е само барање на министерот, туку е и барање на Сојузот на средношколците, вели Шаќири и додаде дека се во комуникација со ДИЦ, а вчера имал состанок нивниот Управен одбор.
Според инфорамциите кои ги добивам, се прават сите подготовки за да се полага на првиот екстерен испит на 27 мај. Ако е потребно ќе доставиме и кадар на вработени од МОН, за да може да ги завршиме работните задачи, рече Шаќири.
Министерот за образование повтори дека ги поддржува барањата на синдикатот на ДИЦ.
Знаеме дека се работи за мал број вработени, но причина е дека се чека системското решение за Општ колективен договор и после тоа може да се вклучуваат во дискусија помеѓу вработените и директорката на ДИЦ за да се постигне максимуот на нивните барања, рече Шаќири.
Веќе трета недела е во штрајк синдикатот на ДИЦ, со што се доведува во прашање полагањето на државната матура. Датумите се 27 мај и 10 јуни. Од државната матура зависат уписите на матурантите на факултетите во земјава и во странство. Вчера од ДИЦ на прес конфренциија соопштија дека на состанокот со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи не се договориле во врска со нивните барања за покачувања на платите и остануваат во штрајк. Според синдикатот, воопшто не е изводливо дека првиот испит ќе се полага на 27 мај.
Сојузот на средношколци претходно преку соопштение извести дека според информациите со кои располага, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, како што е планирано.