Државната матура ќе се спроведе во утврдените термини – на 27 мај и 10 јуни. Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) вчера одлучи штрајкот за повисоки плати, почнат пред речиси три недели, да го стави во мирување во интерес на матурантите. Одлуката ја донел зашто смета дека со вклучување надворешни лица во подготовките на завршниот испит, како што најави МОН, ќе се наруши валидноста на тестирањето и резултатите од матурата.

-Како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, вработените во Државниот испитен центар одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина. Со ова известување штрајкот се става во мирување, соопшти синдикатот на 29-те вработени во ДИЦ во порака до матурантите.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави дека државна матура ќе има според утврдениот календар и дека ќе бидат вклучени и вработени од Министерството за да се спроведе во рокот.

Според синдикатот на ДИЦ, „насилни мерки и притисоци“ е обидот на министерот „да внесе надворешни лица во процесот на државната матура кој е со висок степен на тајност“ и дека со тоа токму тој ќе им наштети на матурантите зашто ќе се доведе во прашање веродостојноста на резултатите.

– Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите, му порача Синдикатот на ДИЦ на ресорниот министер и оцени дека неговите обиди за решение на проблемот се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31 март 2014.

Можноста да вклучи вработени од МОН во подготовката на државната матура, Шаќири ја најави пред неколку дена во ТВ-гостување и ја повтори вчера во изјава за медиумите, дециден дека полагањето ќе почне во закажаниот термин.