Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека договорот за извоз на украинско жито преку Црно Море е продолжен за уште два месеци.

Договорот што овозможи безбеден извоз на украински стоки преку вода требаше да истече утре. Разговорите траеја цел ден откако Русија првично одби да го продолжи.

„Сакам да ви кажам добра вест. Со напорите на нашата земја, поддршката на нашите руски пријатели и придонесот на нашите украински пријатели, иницијативата за црноморско жито е продолжена за уште два месеци“, рече турскиот претседател.

Обединетите нации и Турција во јули минатата година посредуваа за да помогнат во решавањето на глобалната криза со храна, влошена од војната во Украина.

Претходно денеска последниот брод опфатен со актуелниот договор ја напушти Украина и се упати кон Турција.