Закон за урбанистичко планирање или поточно овој закон можеме да го именуваме како закон за ослободување од одобрение за градење, вели пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска на денешната собраниска седница на која, по скратена постапка, власта сака да ги донесе измените на Законот за урбанистичко планирање.
Таа потенцираше дека урбанистичка планска документација се носи подолго време, зошто истата има фази кои значат анализа која носи квалитет а не само интерес на Ковачевски и Груби, додавајќи кров на куќа да треба да се смени, на граѓаните им се потребни повеќе документи, отколку што на власта и се потребни за изградба на вака големи коридори.
„Да сакате да реконструирате кров на куќата ќе ви требаат повеќе документи и повеќе активности да направите, отколку да направите некаков коридор кој е од стратешки интерес за државата. А, сите процедури кои што треба да бидат запазени, да се заштитат националните интереси, да се заштити државата, има можност да бидат заобиколени“, истакна Стаменкоска Трајкоска.
Таа упати и прашање до министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој инаку е и потписник на договорите со Бехтел и Енка, зошто народните претставници и македонската јавност немаат информации за проект кој тие ќе плаќаат.
„Зошто договорот со Бехтел и Енка е направен строго доверливо и народните претставници, народот во Република Македонија, немаа можност да ги дознаат информациите од вас, од власта? Зошто пакетот закони за изградба на коридорот 8 и коридорот 10Д се со европско знаменце, а немаат никаква врска со европските закони? Зошто во коресподентната табела нема име и презиме, туку само ваш потпис или уште сега се спремате за избегнување на одговорност“, запраша пратеничката Стаменкоска Трајкоска.
Посочи дека за шест години потрошиле скоро 25 милијарди евра и повеќе, народен буџет а немаат ништо изградено, јавниот долг е зголемен, народот ќе плаќа, а власта ќе тера луксуз.
Стаменкоска Трајкова посочи дека власта не го почитува ниту дописот на комората за инженери и архитекти, која се стручна фела за изградба на посечените коридори, туку дека се почитува само мислењето на Артан Груби.
„Допис од комора на инженери и архитекти не се важи. Во оваа држава не се важи мислењето на стручната фела, не се дава на важност мислењето на научниците, на оние кои навистина се занимаваат со одредена проблематика, туку се важи мислењето на Артан Груби, бидејќи тој е потпишан на овој закон. Артан Груби е потпишан, бидејќи ние во државата немаме вистински премиер. Бидејќи премиерот е зафатен со криминал, корупција и шетање по светот со приватни цели, под капа на службено патување“, истакна, меѓу другото, Стаменкоска Трајкоска.