Ученичка го подметнала пожарот во интернатот во Гвајана, во кој загинаа 19 деца, откако управата на домот и го одзела мобилниот телефон, соопшти полицијата.
Пожарот го зафатил интернатот во училиштето во Махди, град во централниот дел на јужноамериканската земја Гвајана во понеделникот околу полноќ, а повеќето од децата, од кои најмалото имало пет години, починале на лице место, пренесуваат британските медиуми.
Ученичката е осомничена дека го подметнала разорниот пожар бидејќи дежурните наставници и го одзеле мобилниот телефон, се наведува во вчерашното соопштение на полицијата.
Градоначалникот на Махди, Дејвид Адамс, претходно за британските медиуми ја потврди наводната вмешаност на ученичката и објави дека таа не е повредена во пожарот.
Тој додаде дека не може да потврди дали ученичката во притвор, а во полициското соопштение не се споменува апсење, наведуваат британските медиуми.
Речиси 30 други деца се хоспитализирани поради повредите здобиени во овој пожар.
Специјалисти за изгореници, психијатри и друг медицински персонал ги лекувале повредените деца и нивните семејства, соопштија здравствените власти.
Претседателот Ирфан Али во понеделникот по посетата на болницата во Махди се состана со родителите на жртвите и прогласи тридневна национална жалост.