Буџетските претставници на Белата куќа и клучните републикански преговарачи во Претставничкиот дом ги продолжуваат разговорите денес за зголемување на лимитот за задолжување на американската влада, пред да остане без готовина за да ги плати сметките наредната недела и во исто време да ги намали идните федерални трошоци.
Спикерот на Претставнички дом Кевин Мекарти изјави за новинарите дека преговорите се` уште се продуктивни, но неколкудневните разговори допрва треба да произведат договор за кој демократскиот претседател Џо Бајден и Мекарти веруваат дека би можел да добие мнозинство гласови во двата дома на Конгресот.
Мекарти и Бајден се состанаа во Белата куќа во понеделникот, а Мекарти рече дека ќе се соберат повторно подоцна в среда.
„Цврсто верувам дека ќе го решиме овој проблем“, рече Мекарти.
Сепак, остана нејасно како точно Бајден и демократите притискаат за само релативно скромни намалувања на владините трошоци и републиканците кои се залагаат за поостри кратења би можеле да постигнат договор, и до кој степен ќе се зголеми лимитот на долгот над сегашната бројка од 31,4 трилиони долари.
„Нема да ги зголемувам даноците“, изјави Мекарти, отфрлајќи го предлогот на Белата куќа за зголемување на даноците на најбогатите американски даночни обврзници и големите корпорации.
Ниту, рече тој, нема да дозволи гласање во Претставничкиот дом за мерка за кревање на лимитот на долгот без да се придружува со кратења на трошоците.
„Шеесет проценти од Американците веруваат дека не треба да го зголемиме лимитот на долгот без да ги намалиме трошоците“, рече тој.
Одделот за финансии на САД повтори дека очекува оти може да ги плати сметките на американската влада само до први јуни без зголемување на лимитот на долгот, оставајќи само 10 дена за преговарачите од Белата куќа и републиканците од Конгресот да постигнат договор.
Во своето трето писмо до Конгресот за три недели, секретарката за финансии Џенет Јелен рече дека е „многу веројатно“ дека агенцијата нема да ги исполни сите обврски за плаќање на американската влада до почетокот на јуни, а веќе на први јуни, без конгресна акција за зголемување на горната граница на долгот од 31,4 трилиони американски долари, ќе дојде до прво неплаќање на долговите на САД.
„Со дополнителна недела достапни информации, пишувам за да забележам дека проценуваме дека е голема веројатноста Одделот за финансии повеќе да не може да ги задоволи сите обврски на владата доколку Конгресот не постапил за да го зголеми или суспендира лимитот на долгот до почетокот на јуни, а потенцијално уште на 1 јуни“, рече таа.
Јелен рече дека проценките, во согласност со нејзиното последно писмо до Конгресот на 15 мај, се засноваат на моментално достапните податоци, но федералните приходи, трошоците и долгот сè уште може да варираат.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер, изјави за новинарите дека преговорите „се движат напред“, но рече дека и демократите и републиканците „мора да разберат дека нема да добијат сè што сакаат“.
Таа рече дека целта е „да се дојде до буџет кој е разумен, кој е двопартиски, за кој демократите и републиканците во Претставничкиот дом и Сенатот ќе можат да гласаат и да се договорат“.
Претставникот Гарет Грејвс, еден од републиканските преговарачи во Претставничкиот дом, во вторникот рече дека сè уште има „значајни празнини“ меѓу двете страни.