По прес конференцијата портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева беше запрашана од страна на медиумите како ВМРО-ДПМНЕ го коментира најновиот извештај на „Фридом Хаус“ каде Македонија рангирана е во земјите каде владее хибриден режим.

„Најновиот извештај „Земји во транзиција 2023“ на „Фридом Хаус“ ја рангира Македонија во земјите со хибриден режим. Извештајот покажува дека Македонија со години тапка во место. Владата чии ветувања беа демократизација, ја смести Македонија во земји со хибриден режим“, истакна Митева.

Митева посочи дека оценката за владеење на владата е 3.5, како и независноста на медиумите. Корупцијата е оценета со 3.25, исто како и независноста на судството. Од една тројка никако Македонија да види повисока или подобра оцена, која ќе значи нејзин напредок, каков што заслужува.

„Ова се катастрофални рангирања во низа за Македонија, кои со оваа власт стануваат се полоши, со секое ново рангирање. Задоволувањето со просекот или стагнирањето е одлика на слаба и нефункционална влада. На Македонија и се неопходни промени и напредок, кој ќе резултира со подобрување на реномето на Македонија на сите релевантни светски извештаи, а ВМРО-ДПМНЕ на тоа се обврзува“, нагласи Митева.