Утрово е мирно на северот на Косово. Во општините Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ во текот на ноќта немаше инциденти, а зголемен е бројот на припадници на КФОР. Војниците се распоредени околу тамошните општински згради каде што граѓаните протестираа вчера, но и околу општинската зграда во Северна Митровица.
Присуството на членовите на КФОР е зголемено на пристапните патишта на сите четири места на општините со српско мнозинство на северот од покраината.
Косовската полиција и специјалните сили се уште се во зградите на тие четири општини.
Српските протести се презакажани за денеска во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Нивното барање е повлекување на специјалците од северот на Косово, како и новоизбраните албански градоначалници да не доаѓаат на работа во српските општини на избори на кои Србите не учествувале.
Градоначалниците Албанци од Звечан и Зубин Поток најавија дека денеска нема да одат во нивните канцеларии.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска ќе се сретне со амбасадорите на земјите од САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на Делегацијата на Европската унија во Србија. Средбата е закажана за 8 часот, во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Републиката, соопшти прес-службата на претседателот.
Вчера во Звечан дошло до конфликт меѓу припадници на КФОР и Срби, кои протестирале. Во судирите биле употребени солзавец и шок бомби, а боева муниција употребила и косовската полиција.
Во судирите беа ранети повеќе од 50 Срби, од кои тројца потешко, според српските медиуми.