Една од зградите во Москва во која утрово удри дрон е зграда од 30 ката. Од далеку се гледа местото каде што дронот удрил во зградата, а искршен е прозорец на 14-ти кат. Еден од станарите на таа зграда за московските медиуми изјавил како изгледал нападот утринава, за кој Москва го обвинува Киев, пренесе Макфакс.
Целата област е опколена од полицијата. Во близина на зградата има неколку противпожарни возила. На лице место работат вработени во Министерството за вонредни состојби и други сектори.
„Околу пет часот наутро се слушна татнеж. Станав, погледнав во прозорците – сè изгледаше мирно. Се вратив да спијам. И дваесетина минути подоцна, обезбедувањето заѕвони на домофон, побара повторно да ја погледне фасадата. Бев изненаден. И тогаш имаше силен мирис на керозин. Печеше во очите. Тогаш ми кажаа дека беспилотно летало удрило во зградата“, изјавил жител на зградата за новинарот од веб-страницата „Комсомолскаја Правда“.
Според зборовите на мажот, дронот влетал во прозорецот на соседниот стан, низ ѕидот.
„Буквално три метри и тоа би биле нашите прозорци. Само „телото“ влезе во просторијата, а крилата паднаа на паркингот“, додаде тој.
Очевидецот рекол дека во погодениот стан живее девојка.
„Колку што разбрав, дронот влегол во прозорецот на друга просторија. Чуварот ги разбудил. Почнаа да ги евакуираат луѓето – буквално за петнаесет минути, четири ката над четиринаесеттиот и четири подолу беа евакуирани“, додаде тој.
Тој посочи дека надлежните служби дошле многу брзо.
„Многу брзо. Кога, откако го повикав обезбедувањето, погледнав кон влезот, полицијата веќе беше таму. Потоа пристигнаа сите други“, рече тој.
Дронови утринава паднаа и врз станбени згради на улицата „Профсојузнаја“ и „Нова Москва“.
Претходно, градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги повика граѓаните да не паничат.
„Рано утринава напад со дрон предизвика мала штета на неколку згради. Сите служби за итна помош од градот се на терен. Ве молиме верувајте само на официјални извори и не ширете непроверени информации“, рече тој.
Изјави дека две лица во Москва побарале лекарска помош по нападот со дрон.
Тој додаде дека повредите биле такви што не барале хоспитализација, пренесува „Интерфакс“. Собјанин изјави дека итните служби продолжуваат да работат на терен.