Седум осомничени поддржувачи на терористичката организација Исламска држава се уапсени во неколку германски сојузни покраини, соопшти утрово германското Федерално јавно обвинителство.
Истрагата се однесува на финансиска мрежа на Исламска држава, пренесе ДПА и додава дека веста претходно ја објавиле локалниот берлински весник БЗ и Билд.
Четири од апсењата се извршени во Северна Рајна-Вестфалија, а по едно во покраините Баден-Виртемберг, Рајнланд-Пфалц и Бремен, соопштил обвинител.
Мажите и жените – главно од германска националност – се обвинети од страна на врховниот обвинителен орган во земјата за поддршка на терористичка организација.
ДПА дознава дека причина за рациите е собирање средства во корист на осомничените женски поддржувачи на Исламската држава.
Кампањите на социјалните мрежи со наслови како „Твојата сестра во кампот“ траат веќе неколку години. Тие имаат за цел финансиски да ги поддржат жените на Исламска држава кои живеат со своите деца во Сирија по воениот пораз на терористичката милиција, особено во кампот Ал Хол кој е под контрола на курдските групи.
Постојано има извештаи дека жени, деца и млади луѓе кои до ден-денес сè уште се чувствуваат поврзани со Исламската држава биле прошверцувани од кампот во замена за големи суми пари.
Од неколку десетици жени на Исламската држава кои се вратија во Германија во последните години, неколку беа приведени по нивното пристигнување и изведени пред судови.
Некои од нив дојдоа во Германија од Сирија со своите деца, други беа депортирани или сами се вратија.
Исламска држава со години контролираше големи области во Сирија и соседен Ирак. Во јуни 2014 година, таа прогласи таканаречен калифат и презеде лидерство во таканаречениот глобален џихад.
Според германската домашна разузнавачка служба, Канцеларијата за заштита на Уставот, најинтензивната фаза заврши во 2016 година, а екстремистите оттогаш ја загубија територијата што ја држеа. Сепак, ќелии на Исламската држава се уште се активни во двете земји.