Припадниците на специјалните единици на српската полиција денеска уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија, неофицијално е потврдено за РТС, пренесуваат српските медиуми.

За оваа акција итно бил известен шефот на државата, Александар Вучиќ, кој присуствувал на приемот по повод одбележувањето на Денот на Русија, пренесува Еуроњуз Србија.

„Со брза и ефикасна акција на српската полиција, успешно беше спречен обидот на косовската полиција да изврши инвазија на територијата на централна Србија, што по сите параметри претставува терористички акт со цел дополнителна дестабилизација и ескалација на конфликтот насочени против Република Србија“, велат од српската полиција.

Како што пренесуваат медиумите, приведени се Рифат Зека, Беќир Сефа, Мустафа Шем.

Сите тројца уапсени имале автоматско оружје, целосна воена опрема, ГПС уреди, мапи и друга опрема.

Петковиќ тврди дека припадниците на косовската полиција не се киднапирани, туку уапсени во Рашка. Уапсените припадници на косовската полиција се пронајдени „длабоко на територијата на централна Србија“, тврди директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ.

Петковиќ на прес-конференција во Владата на Србија изјави дека тројца косовски полицајци се уапсени во атарот на селото Гњилица, во Рашка и ја преминале административната линија.

„Припадниците на нашата полиција не стапнаа на територијата на Косово. Оние кои ја прекршија резолуцијата 1244 се албански терористи, припадници на косовската полиција“, рече тој.

„Терористите“, како што ги нарече, не се киднапирани, туку пронајдени длабоко на територијата на централна Србија, со оружје, мапи и опрема за надзор.

„Што бараат таму, каков бил планот за преминување на административната линија. Тоа ќе го утврди истрагата“, рече Петковиќ.

Тој рече и дека „биле спречени да извршат опасно кривично дело“.

Косовската полиција претходно извести дека тројца нивни гранични службеници биле киднапирани од српските сили за време на патрола во градот Тресава – Баре, на граничната линија на северот на Косово. Селото се наоѓа во општина Лепосавиќ.

Според соопштението на косовската полиција, единицата врши патроли длабоко на територијата на Косово, со цел да се спречи користење на дивите патишта, за кои велат дека се користат од криминални групи за нелегално преминување и криумчарење.