БУДИМПЕШТА – Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека под водство на Трамп политичките односи меѓу Соединетите Американски Држави и Унгарија достигнаа врв.
Во интервју за американскиот телевизиски канал „Њузмакс“, чие видео е објавено на неговиот „Фејсбук“, тој оцени дека последното обвинение против поранешниот американски претседател е политички мотивирано.
„Ние стоиме покрај претседателот Трамп, навиваме за него“, рече унгарскиот министер и изјави дека Трамп бил нападнат од либералниот мејнстрим, пренесува агенцијата МТИ.
Сијарто истакна дека војната немаше да избие доколку претседателот Трамп победи на последните претседателски избори. Тој потсети дека немало руски напад во времето на Трамп на власт.
„Неговото можно враќање во Белата куќа го гледаме како сигнал за надеж за мирна иднина“, додаде тој.
Запрашан дали е изненаден од неодамнешните изјави на руските власти дека Унгарија е непријателска нација, Сијарто рече дека Унгарија е членка и на НАТО и на Европската унија и дека Русија ги смета сите земји-членки на двете организации за непријателски земји.
Министерот истакна дека Унгарија како соседна земја трпи од последиците од војната во Украина.
„Не страдаат само Украинците, страдаат и Унгарците. „Унгарија сака да заврши ова страдање и поддржува прекин на огнот, мировни преговори и одржлив мир“, рече Сијарто, пренесе Танјуг.
Како што наведе, извесно е дека решение не е можно на бојното поле, туку само на преговарачка маса.
Тој предупреди и на можноста од ескалација на војната надвор од Украина, која ја нарече „голема закана за нас“ како соседна земја.
Тој рече дека Унгарија примила повеќе од милион бегалци и веќе изгубила премногу животи во оваа војна и побара од меѓународната заедница конечно да почне да се концентрира на мирот.
Зборувајќи за влезот на Шведска во НАТО, тој рече дека владата го поддржа процесот на ратификација и поднесе соодветен предлог-закон до парламентот. Кога предлогот ќе се најде на дневен ред зависи од пратениците на Фидес, кои имаат двотретинско мнозинство, додаде министерот.
Тој изјави дека шведските политичари ја обвинија Унгарија дека е диктатура, што пратениците го сфатија како навреда и се уште не се подготвени да донесат одлука за ратификација.
„Кога ќе бидат подготвени, ќе донесат одлука“, рече тој, додавајќи дека владата ја поддржува понудата на Шведска.