Нема да предложам разрешување на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, тој нема лична одговорност за трагедиите што се случија, работеше сериозно и одговорно, полицијата постапи ефикасно и брзо по злосторството, изјави денеска премиерката Ана Брнабиќ во српското Собрание за време на расправата за предлогот за гласање недоверба на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, поднесен од група пратеници од опозицијата, јави дописникот на МИА од Белград.

Шефот на пратеничката група на Народната странка (НС) Мирослав Алексиќ како овластен предлагач побара одговорност од Гашиќ по масовните убиства во Србија, велејќи дека никој не вели дека некој е виновен туку дека е одговорен.

Премиерката Ана Брнабиќ за време на дискусијата праша која е лична одговорност на министерот Гашиќ.

Овој кворум на најдобар начин покажа колку навистина се грижите да зборувате за овие работи. Барањето за разрешување на Гашиќ е едно од вашите основни барања овде, како и на протестот, па дали е можно два дена вие како организатори на протестот да не можете да се соберете за да имате кворум да разговарате за тоа, праша Брнабиќ.

Таа посочи дека тоа покажува непочитување кон оние луѓе кои секојдневно шетаат и протестираат, но и кон институциите.

Прозивате мртви деца и ја споредувате власта со тоа, вам на честа. А за вашата чест ви кажав што мислам пред неколку недели, изјави Брнабиќ.

Таа кажа дека никому не треба да му се заканува и ја обвини опозицијата дека создава атмосфера во која се закануваат и напаѓаат само владини претставници.

Резултатот од таа атмосфера е физички нападнати само нашите пратеници, луѓе кои се доволно храбри да го кажат своето мислење кое е различно од вашето. Нападнати се Лав Пајкиќ, Света Вујачиќ, Бакарец, тие се физички нападнати. И мене ми се закануваа, тоа стана како ’добар ден‘, толку е брутално што веќе не можете ни да се борите против тоа. Претпоставувам дека заслужуваме да не бркаат по улиците, да ни сè закануваат, а на оние кои се борат против насилството им е дозволено да не тепаат. Да не зборуваме за заканите кон Вучиќ и неговото семејство, од Вукан до Данило, рече премиерката.