Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој денеска е во посета на Албанија на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, премиерот Еди Рама, изјавил дека Албанија издржала 13 години за да дојде до преговори, опишувајќи го како нешто срамно, јави Ора њуз.
-Капацитетот на Европа е во опаѓање. Како можеме денес да ја сметаме ЕУ, дали е тоа проблем или можност. Ние централноевропските земји донесовме промени во Европа. Сметам дека тоа ќе го донесе Албанија. Одговорот е едноставен; резервите за раст се на Балканот, ги нема во другите држави во Европа. Има резерви, економски и политички. Бараме Албанија да влезе во ЕУ, рекол тој.
Оценил дека се постигнува напредок само со обединување на сите заедно.
-Срамно е како напредува овој процес кон ЕУ. Видов дека Албанија издржа 13 години за да дојде до преговорите, после 10 години само Германија ќе остане како голема сила ако проширувањето одвива со толку бавно темпо, тоа е самоубиство. Ќе ја поддржуваме интеграцијата и во иднина, нагласил Орбан.
Двајцата премиери билатералните односи ги оцениле како добри и се заложил за унапредување на економската соработка и зголемување на инвестициите на албански компании во Унгарија и обратно.
-Посетата на еден стар и непоколеблив пријател на Албанија е добредојдена во секое време. Благодарение на премиерот Орбан и посветеноста на министерот за надворешни работи и неговата влада, влеговме во нова фаза на традиционални, пријателски, сега економски односи меѓу Албанија и Унгарија. Оваа посета, освен онаа на драгоцен пријател, е посета за продолжување на нов пат на соработка. Имаме исто убедување во однос на високиот геостратешки интерес, за што поскоро интегрирање на Западен Балкан, посочил Рама.
Додал дека на ЕУ и треба Западен Балкан, како што на Западен Балкан и е потребна ЕУ, нагласувајќи дека е ” важно овој аргумент да биде слушнат без двоумење од сите земји-членки“.
Во оваа прилика Рама потсети дека кралицата на Албанија Џералдина била унгарска принцеза.
-Сакам да кажам дека Унгарија има нешто свое во Албанија. Унгарската принцеза Џералдина стана албанска кралица. Кралицата Џералдина ве гледа и ви е благодарна во името на Албанците што сте тука, му рекол Рама на Орбан.