Парламентот на Естонија денеска го одобри законот за легализирање на истополовите бракови што ќе стапи на сила следната година, со што Естонија ќе стане првата балтичка држава што го направила тоа.
Предлог-законот доби 55 гласа во 101-члениот парламент од коалицијата на либерални и социјалдемократски партии што ја собра премиерот Каја Калас по победата на изборите.
„Секој треба да има право да биде во брачна заедница со личноста што ја сака и на која сака да се обврзе. Со оваа одлука Естонија конечно им се придружува на другите демократски земји во светот со загарантирана еднаквост во бракот“, рече Калас.
Истополовите бракови се легални во повеќето земји од Западна Европа, но не и во земји кои претходно беа под советско влијание и комунистичка власт, а денес се претежно членки на НАТО и на Европската унија.
Летонија и Литванија, преостанатите две балтички држави кои порано беа дел од Советскиот Сојуз, а сега се дел од ЕУ, се на пат да одобруваат закони за истополови партнерства, но тие се во застој во парламентот.