Русија денеска соопшти дека бројот на загинати од уривањето на браната Каховка и поплавите во областите што таа ги контролира во јужна Украина, се зголеми на 41.
-За жал, бројот на загинати се зголеми до 41, изјави претседателот на проруската регионална влада во Херсон, Андреј Алексејенко.
Во претходниот извештај на локалните проруски власти, што беше објавен во саботата, се наведуваше за 29 загинати лица.
На 6 јуни беше уништена хидроенергетската брана Каховка на реката Дњепар, која се наоѓа во областа контролирана од Русија во регионот Херсон (јужна Украина). Стотици квадратни километри низводно беа поплавени, поради што илјадници жители мораа да бидат евакуирани.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната.
Алексејенко кажа дека Нова Каховка постепено се опоравува од катастрофата и дека денеска е обновено снабдувањето со електрична енергија по гранатирањето на украинските сили.
-Нивото на водата практично се врати во нормала во населбата Алешковски, каде што беа поплавени само пониските области. Сепак, високи водостои сè уште има во населените области на областа Голаја Пристан, вклучително и самиот град и блиските населби, рече тој.