По глобалната финансиска криза, процесот на доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан забавува. Кај нас од 2009 година наваму, нивото на конвергенција е повисоко за 8 п.п., темпо коешто пред глобалната финансиска криза е постигнато за само седум години. Ова упатува на речиси двојно побавна конвергенција, иако е малку побрза од просечната во регионот. Кризите со кои се соочуваме во изминативе неколку години претставуваат дополнителен предизвик за конвергенцијата.

Симулациите покажуваат дека растот во периодот 2020 ‒ 2024 година ќе биде помал за околу 10 процентни поени во споредба со претпандемичните очекувања. Симулациите за конвергенцијата покажуваат дека во отсуство на кризите, таа би била повисока за 5 п.п. Покрај ова, кризите поттикнаа нови среднорочни и долгорочни ризици, како што е ризикот од економска фрагментација, климатските промени и предизвиците поврзани со дигитализацијата. Сето ова уште повеќе ја нагласува потребата од структурни реформи со кои ќе се опфатат старите предизвици, но и новите коишто произлегоа од неодамнешните кризи.

Ова се заклучоците од научниот труд „Повеќекратните кризи и реалната конвергенција – закана или можност? Случајот на Република Северна Македонија“, подготвен од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска го презентира трудот во рамките на Меѓународната научна конференција на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“, во организација на Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Северна Македонија.

Структурните реформи со кои ќе се опфатат сите три фактори на растот ‒ трудот, капиталот и продуктивноста се клучни за зголемување на потенцијалот на раст на нашата економија и за забрзување на конвергенцијата. Политиките со кои би се зајакнал придонесот на факторот на труд треба да се насочени кон ублажување на ефектите на емиграцијата, подобро искористување на можностите од дијаспората како дознаките, инвестициите и трансферот на технологија и знаење, како и подобро искористување на човечкиот капитал.

Поттикнувањето на домашните и странските инвестиции, вклучувањето во глобалните синџири на снабдување и вложувањето во обновливите извори на енергија ќе придонесат за зголемување на капиталот. Сите овие реформи, заедно со поефикасната распределба на ресурсите и подигнувањето на квалитетот на институциите ќе доведат до зголемување на продуктивноста и обезбедување подинамичен и поинклузивен раст на домашната економија.

Пристапувањето во ЕУ може да го забрза овој процес, што е потврдено преку искуствата на земјите од Централна и Југоисточна Европа. Од исклучително значење е и поддршката од европските и меѓународните финансиски институции, коишто ќе му овозможат поддршка на процесот преку обезбедување соодветни средства потребни за остварување на инвестициите.