Повторно криејќи се од медиумите струшкиот градоначалник денеска само на кратко се појави на терасата од општинската зграда. Разговараше со некого, гледаше кон телевизиските камери на медиумите кои бараат да се сретнат со него и си влезе во канцеларијата.
И денеска бевме во општината за да пробаме да се сретнеме со него, но бевме запрени од обезбедувањето. Сакавме да го прашаме за став по одлуката на американскиот Стејт Депертмент.
Градоначалникот Мерко четврти ден и денеска одбива да комуницира со медиумите откако американскиот Стејт департмент него и неговото семејство ги стави на црна листа. Тој денеска е на своето работно место во општината. Се обидовме да добиеме став од него, но од страна на неговото обезбедување ни беше кажано дека нема да дава изјава, дека е зафатен и дека кога ќе можел тој ќе не побара, но и дека партијата ДУИ веќе излегла со став.
Во една ваква ситуација, во Струга со реакции и денеска се јавија останатите партии. Од Алијанса на Албанците бараат оставка од Мерко и истрага за него.
„Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко со неговата сега политичко-криминална група, час поскоро треба да ја ослободи фотелјата, за Струга и стружаните да излезат од заложничката ситуација. Значи Рамиз Мерко – остави го личното его, разбери си ја одговорноста, оди си, ослободи ја фотелјата, ослободете ги надлежните органи да се справат без притисокот од вашата моќ, не ја држи цела Струга под обвинение затоа што не заслужува…“, рече Љуљзим Насуфи-претседател на АА-Струга.
Истото го бараат и младите од Движењето БЕСА.
„…Партијата му помогна да го креира овој апашлук, не само за себе, туку и за функционерите на партијата кои возат луксузни коли и се фотографираат во скапи вили направени од криминалот и корупцијата на Мерко и ДУИ. Бараме нон-грата лицето Мерко и нон-грата партијата ДУИ, да се откажат од институциите и да распишат избори“, рече Алдин Зиба-Движење Беса.
Реагираа и од Алтернатива.
А и денеска за граѓаните на Струга, аферата со градоначалникто Мерко е главна тема која го преокупира општествениот живот.
„Јас како личност го имам ставено Рамиз Мерко уште пред 10 години на црна листа, Америка е позади мене. Во политиката нема морал и затоа политичарите не знааат да се однесуваат. Државата има институции и нека постапи по законите ако е некој прогласен за персона нон грата…“
„Зошто да го стават него на црна листа? Има нешто направено грешка? Не ги казнуваат тие што треба да ги казнат во државата, не тие што треба да се на црна листа, туку него….“…
„Човекот ако згрешил веројатно ќе одговара за некои работи. Нема тука сосема случајно ништо…“, реагираат граѓаните.
Инаку, на Мерко ова му е четврти мандат градончалник на Струга. Во меѓувреме беше и министер во владата на Заев, но и пратеник во Парламентот.