Во Уставниот суд – сериозни сомневања во можноста за внесување на „националноста“ во матичните книги на родените, умрените и венчаните. Тоа стана возможно откако министерот Кренар Лога на крајот од месец мај донесе посебно Упатство како да се пополнува оваа графа во обрасците.
Уставниот суд се сомнева дека тоа не е во согласност со Уставот. Сите седум судии едногласно одлучиле да оформат предмет по сопствена иницијатива. Претседателката на Судот Добрила Кацарска, која го свикала колегиумот, на брифингот со новинарите не изнесе аргументи за своите сомневања, но изрази убеденост дека Упатството – не е уставно. Од судијата – известител зависи дали ќе предложи поведување постапка и времено укинување на Упатството до конечното гласање на сите судии. Останува неизвесно и дали предметот ќе биде проширен со оспорување на Законот за матична евиденција.
Од Министерството за правда тврдат дека Упатството е целосно во согласност со Законот. Одредбата за запишување националност во матичните книги се наоѓа во законот уште од 1995. Законот 10 пати е менуван, но овој дел останува ист 28 години. Неприменувањето на законот е кривично дело, велат од Правда. Применливоста ја обезбедува токму Упатството што го донесе министерот Лога на 29-ти мај годинава.
Одлуката што ќе ја донесе Судот е конечна. Просекот на одлучување во просек е околу четири месеци, а евентуални дополнителни иницијативи од поединци или партии, ќе бидат споени со онаа на Судот.