Вкупно 150 лица се уапсени, 24 полијајци се повредени во насилните протести во Франција по убиството на 17-годишно момче. Гневните демонстранти оштетувале банкомати, палеле полициски возила, приватни автомобили и контејнери, а во пламен заврши и паркиран трамвај во Париз. За смирување на хаосот на улиците во неколку француски градови се мобилизирани уште 2.000 полицајци, а додека се чека наодот од обдукцијата, францускиот претседател свика состанок на кризниот штаб.
Покрај Париз, најжестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата се забележани во Нантер, градот во кој се случи убиството на тинејџерот. Демонстрантите фрлале камења кон полицијата која одговорила со солзавец. На неколку локации во Сент Дени се пријавени пожари, во предградие на Париз е запален и автобус, а според некои медиуми, се оштетени и банкомати и насилно се влегувало по продавници.
Насилства имаше и во Тулуз, Лион, во Лил и во други помали места ширум Франција. Нередите ги осуди и францускиот министер за внатрешни работи, а мајката на убиеното момче денеска повика на мирна прошетка пред полициска станица во Нантер.