МВР соопшти први детали за апсењето на ексградоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ заедно со уште четири лица.
„Вчера во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Како што дознава „Макфакс“ ќе се бараат мерки за обезбедување присуство, а засега не е познато дали тоа ќе биде притвор, куќен притвор или одземање на патна исправа.
Поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ е уапсен под сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за перење пари за спомениците во Скопје, дел од проектот „Скопје 2014“. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција закажа прес-конференција за постапувањето по предметот за проектот.
Пред 5 години Финансиската полиција поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и ексградоначалникот на Општина Центар, за криминал за изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.