Унгарија ги отфрли плановите на Европската комисија за одобрување уште пари за Украина и нема да придонесе со дополнителни средства за сервисирањето на долгот на ЕУ, изјави премиерот Виктор Орбан. Тој кажа дека се смешни барањата на Комисијата дека Унгарија би требала да придонесе со уште пари, во услови кога неговата земја, заедно со Полска, нема добиено средства од Фондот за закрепнување на ЕУ.

„Една работа е јасна: ние Унгарците нема да ѝ дадеме повеќе пари на Украина сè додека не ни кажат каде отишле претходно дадените 70 милијарди евра. Исто така, смешно е и апсурдно дека треба да придонесеме со уште пари за да се финансираат трошоците на отплата на кредитот од кој сè уште не сме ги добиле средствата што ни следуваат“, изјави Орбан.

Европската Унија кажа дека ќе обезбеди 50 милијарди евра вредна помош за Украина во периодот од 2024 до 2027 година.

Унгарија и Полска се единствените членки на ЕУ кои досега немаат добиено средства од Фондот за закрепнување, што беше блокирано од Европската комисија зашто владите на двете земји ги прекршуваат демократските принципи и владеењето на правото.