Денеска започнуа 136-то издание на најстариот тениски турнир, Вимблдон. Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ има шанса да испише нова тениска историја и да биде најдобар тенисер на сите времиња.
Ѓоковиќ има 28 последователни победи на Вимблдон, кои датираат од 2017 година, и може да се пофали со резултат од 86-10 вкупно на турнирот, повеќе од преостанатите врвни 20 тенисите на АТП-листата заедно. Вторпат во три години тој е на половина пат до календарскиот гранслем, да ги освои сите четири гранслем-турнири во една година. Ѓоковиќ игра и за да се израмни со Роже Федерер со рекордни осум титули на Вимблдон, откако ги освои претходните четири изданија на турнирот на трева. Тој ја освои својата прва титула на турнирот во 2011 година и нема загубено натпревар на Централниот терен од 2013 година, од финалето со Енди Мареј.
– Неколку години се борев навистина да ја кренам мојата игра на следното ниво на тревните терени, бидејќи природно за мене е да се лизгам, а тревата навистина не е подлога што простува кога станува збор за екстремни лизгачки движења на теренот. Морав да научам како да се движам, како да одам, како да играм, како да ги читам отскокнувања на топчето. Тревниот терен е најретката подлога што ја имаме во спортот, што е спротивно на она што го имаше пред можеби 40, 50, 60 години, кога на трева се играа три од четири гранслем-турнири. Во денешно време тоа не е случај. Потребно е време, повеќе од која било друга површина, за навистина да се навикнеш на тоа. Но мислам дека во изминатите 10 години од мојата кариера, многу брзо се адаптирав на површината. Мислам дека резултатите тука се доказ за тоа – рече Ѓоковиќ, пренесе Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Ѓоковиќ денеска ќе го почне годинашниот турнир на Вимблдон со мечот со Педро Качин. Неговиот најголем предизвикувач се чини дека е Шпанецот Карлос Алкараз, кој се врати на врвот на листата на АТП по првата освоена титула на трева, на турнирот во Квинс, пишува ИОК. Меѓу првите четири носители се и Даниил Медведев и Каспер Руд.
На турнирот за жени, светската тенисерка број 1, Ига Швјонтек, неодамна ја освои својата четврта гранслем-титула и трета на Ролан Гарос. Таа досега не се пласирала во четврт-финалето на Вимблдон. Шампионката од 2022 година, Елена Рибакина, ќе игра за нов гранслем-трофеј, а годинашната победничка на Австралија опен, Арина Сабаленка, ја заокружува најдобрата женска тројка.
Швјонтек има цел да стане првата тенисерка, покрај С. Вилијамс, која ја освоила петтата голема титула во сингл по Марија Шарапова во 2014 година. Џесика Пегула и Коко Гауф се меѓу првите осум носители, а двократната победничка на Вимблдон, Петра Квитова, во минатата недела ја освои својата 31. титула во кариерата, шеста на трева. На листата се и Јелена Остапенко и вицешампионката на годинашниот Ролан Гарос, Каролина Мухова…