Иако минаа седум и пол години откако Ријана го издаде последниот албум „Anti“, таа повторно соборува рекорди. Имено, таа стана првата пејачка со 10 песни што достигнале милијарда прегледи на стрим-платформата „Спотифај“, а со тоа достигнување се пофали на својот интернет-простор.

Ријана ја прослави веста со потписот „Bad Gal billi“ што е сленг-израз за „лошата девојка милијарда“ бидејќи на својот профил се потпишува како „Лошата девојка Рири“. Таа е добитничка на бројни признанија, а ова не е прв рекорд што таа го поставува. Таа има освоено 13 „Американски музички награди“, девет „Греми“ одличја и 12 „Билборд награди“.

„Нема нов албум“, додаде под објавата изведувачката, која според овогодишната листа на „Форбс“, е најбогата пејачка и најбогата жена под 40 години во САД.

Ријана во 2012 година стана дигитално најпродаваниот изведувач во САД со продадени 47,57 милиони песни во дигитален облик. Во таа смисла, Ријана го симна и Еминем од престолот.