Поранешната раководителка на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи од Тетово, е назначена за нова директорка на ЕСМ Продажба – фирмата-ќерка која продава вишоци на електрична енергија и купува струја за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи кога нема доволно производство, објави Фактор.
Мустафаи го превзема местото на Златко Пиперкоски, кој на таа функција беше поставен во октомври лани. Инаку оваа позиција никогаш претходно не била пополнета со кадар на ДУИ. Управниот одбор на АД ЕСМ донел ваква кадровска одлука на 23 јуни.
Инаку ЕСМ Продажба според податоците кои медиумски беа објавени изминатиот период, остварил приходи од 6,57 милиони евра минатата година, најмногу од продажба на електрична енергија во јавниот сектор и произведени вишоци за снабдувачите со струја. Со тоа фирмата-ќерка на ЕСМ за време на енергетската криза се наметна како еден од најголемите трговци со струја во земјата.
Покрај тоа, ЕСМ Продажба од оваа година учествува и во берзанското тргување со електрична енергија на домашната платформа на МЕМО, а овој период се размислува да се променат правилата со тоа што оваа фирма ќе може да купува струја од фотонапонските централи низ земјата во периодите кога тоа ќе биде поевтино отколку да се произведува од јаглен во термоцентралите. ЕСМ Продажба наедно купува струја од надворешни снабдувачи за потребите на ЕВН кога производството е недоволно.
Во февруари годинава опозицијата ја обвини Мустафаи дека гради хациенда на Попова Шапка, сопственост на нејзиниот сопруг, која не била пријавена во нејзиниот анкетен лист и дека дала акредитација на компанија наводно блиска на братот на првиот вицепремиер Артан Груби за баждарење на точила за нафтени деривати и течен нафтен гас на бензински пумпи и економски оператори кои се занимаваат со трговија на гориво.
Набрзо потоа Мустафаи во март си замина од Бирото за метрологија каде беше неколкугодишен директор.