Ги активиравме сите служби и веќе заминаа началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје за да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот, вели министерот за внатрешни работи.

Експерти за криминалистички и технички испитувања и вештачења ќе ги испитуваат причините за пожарот што изби во подрумските простории на Основниот суд во Куманово, а во кој е сместена дел од архивата. Ова го најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при неговата денешна посета на Центарот за обука во Идризово.

Според Спасовски, сè уште не може да се каже што се е зафатено од пожарот, затоа што, како што рече, противпожарните екипи сè уште се на терен и работат на негово локализирање.

„Во моментот не може да кажеме што точно е зафатено од пожарот бидејќи според најновите информации сè уште трае гаснењето. Ние ги активиравме сите служби. Заминаа и началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје за да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот“, рече Спасовски.

Пожарот во судот во Куманово, како што информираа од регионалниот Центар за управување со кризи, избувнал час и половина по полноќ, а во гаснењето учествувале седум пожарникари со две противпожарни возила.

Претседателката на судот Снежана Манева, утрово во изјава за „360 степени“, вели дека проблемот е сериозен и дека пожарот сè уште не е изгаснат. Претпоставките се дека причината за огнот, најверојатно, е проблем со струјата.