Актуелните општествено-политички случувања во земјава и нивните влијанија врз економскиот амбиент, како и за заштита на интересите на бизнис-заедницата, се темите за кои се разговарало на средбата на претседателот Стево Пендаровски со претседателот на Комората, Бранко Азески, и претставниците од Асоцијацијата во Стопанската комора на Северна Македонија ТИМ-40.
Претседателот Пендаровски беше информиран за иницијативата за потпишување декларација за економски реформи, политики и мерки, која е поттикната од бавниот реален раст на македонската економија, кој во периодот од 1993 до 2021 година просечно годишно изнесувал само 1,7 отсто.
– Според претставниците на Комората, постојат пет приоритетни области во нашата држава, потенцирајќи дека за создавање стабилен и предвидлив економски амбиент, неопходни се решавање на сивата економија, корупцијата, гасификацијата, решавање на проблемите со извозните компании, издавање на дозволите за градба и регулирање на статусот на интернет-порталите – информира Кабинетот на претседателот.
Пендаровски ја поддржа иницијативата и ги поздрави напорите на бизнис-заедницата со цел поттикнување нови инвестиции, нови работни места и долгорочен одржлив економски раст и развој на земјата. Во разговорите беше констатирано дека за унапредување на севкупните економски односи на државата, потребно е решавање на сите отворени прашања преку дијалог и меѓусебна соработка, се наведува во соопштението.